ФК „Возарци“ со нова спортска опрема, донација од „Дрекслмајер“ за фудбалерите на регионалните спортски клубови
Објавено: 13 октомври, 2021, во 10:13 часот
Фудбалерите на ФК „Возарци“ новата фудбалска сезона ја започнуваат со нова спортска опрема како што се дресови за официјални натпревари, фудбалски топки и дополнителна опрема која ќе ја користат за време на тренинзите.
Опремата е подарок од Дрекслмајер како знак на поддршка на младите талентирани играчи за постигнување поголеми спортски успеси.
Лукас Мирингер, Генерален директор на „Дрекслмајер Македонија“ ги посети фудбалерите на терен и им порача никогаш да не се откажуваат од замислата за остварување на нови успеси и нови победи.
„Дрекслмајер и понатаму ќе продолжи да го поддржува спортот. Сметаме дека на ваков начин помагаме кон афирмација на спортот помеѓу младите луѓе и дека ќе придонесеме за уште поголема мотивација на младите фудбалери за постигнување убави спортски резултати. Ви посакуваме успешна сезона и многу победи!“, рече Мирингер.
Стручниот штаб на клубот како и фудбалерите беа особено задоволни што „Дрекслмајер“ го поддржа нивниот тим.
„Оваа донација за нас претставува дополнителен мотив да постигнуваме нови успеси и уште подобри спортски резултати. Навистина сме среќни што Дрекслмајер ги поддржува младите фудбалери од регионот и гордо ќе ги носиме дресовите на сите натпревари“, рече Сашко Данов, Претседател на клубот на средбата со директорот Мирингер.
„Дрекслмајер“ и натаму продолжува доследно да ја спроведува својата стратегија за поддршка на спортот и подобрување на условите во кои функционираат спортските клубови во регионот. Неодамна, Дрекслмајер донираше нова спортска опрема и за ФК „Росоман 83“, а заедно со своите вработени и заедницата иницира и поддржува бројни проекти и од областа на образованието, културата и животната средина.
