(фото и видео) Во недела по 12-ти пат – „Велес MTB Tour 2025“ во рамки на „Питијада 2025“

Објавено на 10 октомври, 2025 во 11:46
фото: архива

Во рамките на најголемата есенска манифестација во Велес, „Питијада 2025“ и годинава е организирана тура за љубителите на велосипедизмот и рекреацијата. Поточно, во недела, на 12 октомври по дванаесетти пат ќе се одржи рекреативната велосипедска тура „Велес MTB Tour 2025“, во организација на здружението „Велес Бајкинг“.

Во разговор со Дума.мк, Зоран Јаневски претседател на „Велес Бајкинг“, објасни дека иницијативата за оваа велосипедска тура започнала уште во 2014 година, инспирирана од сличен настан во Прилеп кој во тој период бил единствен во Македонија.

-Решивме и ние да направиме иста таква тура. Непосредно 20-тина дена пред фестивалот „Питијада“ во 2014 година, се обративме кај тогашниот градоначалник кој веднаш ја прифати идејата, ја одредивме турата, стартот и целта беа во дворот на Гимназијата. За неполни 20 дена на стартот на првата вело тура во Велес имавме преку 300 учесници, од кој 20-тина од соседна Србија. Од тогаш па наваму секој година имаме просечно по 250-300 учесници, објаснува Јаневски.

Оттогаш, „Велес Бајкинг“ секоја година организира тура која станува сѐ посериозна и попосетена. За годинашното издание, два дена пред турата веќе има повеќе од 200 пријавени учесници, а бројката се очекува да расте до самиот ден на стартот.

-Имаме пријавено учесници од скоро сите градови и поголеми населени места во Македонија, а имаме пријавени годти и од соседна Грција – од Солун и од Благоевград – Р. Бугарија, па се надеваме дека ќе бидеме добри домаќини. Порај овие пријавени, имаме најава од странски државајани кои работат овде во Македонија, дали во нивните амбасади или во странски преставништа, па така секако дека очекуваме учесници од Германија, Словачка, Холандија, Швајцарија, објаснува Јаневски.

Организаторите нагласуваат дека целта не е само возење, туку и претставување на велешката природа, историја и култура. Турата е долга 31,2 километри, со елевација од 570 метри, и е оценета како средно тешка. Патеката се движи по релацијата: винарија „Шато Сопот“ – село Сопот – дрвен висечки мост на Вардар – црква Св. Петка – с. Белештевица – с. Раштани – Топилница – Башино Село – повторно до винаријата.

-Една од главните атракции е дрвениот висечки мост преку Вардар – ретко сценографски момент кој сите го паметат, објаснува Јаневски.

Според него, иако минатата и оваа година патеката е иста, тоа не го намалува интересот, напротив – го зголемува.

-Старт и цел е во винарија „Шато Сопот“ Велес. Таму ќе биде главната локација, имаме голем простор уреден онака како што доликува на сите еврошски велосипедски собири, со штандови на неколку компании кои имаат поврзаност со велосипедизмот, така да ова е извонредна прилика за сите заинтересирани гости да поминат и да видат што всушност преставау организација на еден велосипедски хепенинг, додава Јаневски.

Оваа година, покрај велосипедската тура, во агендата е вклучена и рекреативна пешачко-планинарска тура под името „Питијада Hiking“, до село С’лп и назад, во должина од 6,5км во еден правец, тура која е релативно лесна и погодна за сите генерации.

-За оваа тура пријавени се околу 30-тина планинари и целта ни беше да вклучиме и љубители на планинарењето и природата, особено семејства, рекреативци и постари лица кои можеби не возат велосипед“, објаснува Зоран.

Настанот во недела ќе започне во 08:00 часот со регистрација на учесниците. Пешачката тура стартува во 09:45, додека велосипедистите ќе тргнат точно во 10:00 часот. По завршувањето на турите, сите учесници ќе бидат послужени со традиционална пита пастрмајлија и чаша вино, ќе се доделуваат благодарници на клубовите, а ќе следува и забава со DJ перформанс од Oldschool Selector – познат диџеј од Прилеп кој и самиот е активен велосипедист.

Организаторите велат дека посебна атракција оваа година е богатата лотарија, во која ќе се доделуваат бројни награди – главната награда е нов велосипед.

Велосипедскиот настан не е само спортски туку и еколошки мотивиран. Претседателот на здружението за Дума.мк потенцира дека една од главните пораки кои се испраќаат преку турата е свеста за животната средина.

-Нашата порака е кратка и јасна – возете велосипед, не ја уништувајте вашата околина. Велосипедот не треба да биде само рекреативно средство, туку и секојдневно превозно средство. Тоа е добро и за поединецот и за општеството, додава Јаневски.

Во таа насока, од пред две години е формирана и Македонска асоцијација на аматерски велосипедски здруженија, која активно работи на промоција на велосипедизмот како начин на живот и превоз.

Со вакви настани, Велес не само што го негува спортот и здравиот живот, туку создава и нова културно-туристичка понуда што привлекува сѐ повеќе гости.

Стефани Манева

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.