Петрушев е спортист на 2024 година на Општина Велес на „65-ти Избор на спортист“ (видео и фото)
Kајакарот Ангел Петрушев, на ККК „Вардар“ избран е за спортист на Велес за 2024 година. Титулата ја заслужи откако стана државен првак во кајак слалом на диви води , победи на ИКАС 2024, ги освои 19 место на Светски Куп во Краков, Полска, 16 место во Кајак крос на Светско првенство У23 во Словачка и 6 место на Европско првенство во Љубљана, Словенија. Петрушев ја има титулата „Спортист од меѓународна категорија“ на Министерство за спорт.
На Петрушев наградите му ги врачија заменик Градоначалник Коста Нојков и Гордана Цветковска Бошевска, советник на Министер за спорт, вчера вечер, на традиционалната спортска манифестација „Избор на најуспешните спортисти на Велес“ којашто во организација на Сојуз на спортови на Велес се одржа во Ресторан „Брод Панини“ на велешко „Езеро Младост“.
Спортистот за 2024 година,Ангел Петрушев, се обрати на присутните.
Веднаш зад Петрушев, на второ место се наоѓа Кристијан Ванчевски од МВК „Велес“, на трето место е Ивица Илиев од РК „Фруитленд Борец“, на четврто Кристијан Лазаров од ККК „Арка Борец“, на петто Ели Панова од Стрелачки клуб „Велес“, на шесто Васко Николов од ГОК „Борец“, седми е Виктор Ванчевски од МВК „Велес“, на осмо место Стефан Филиповски од ФК „Борец 1919“, девети Стефан Рибарски од ККК „Вардар“ и на 10 место Трајче Илиевски од АК„Борец“.
Вечерта на спортските велешки асови и надежи ја отворија претседателот на Сојуз на спортови на Велес, Роберт Папазов и проф. Славче Давитков потпретседател на Федерација на училишен спорт на Македонија.
Вчера вечер, признанија и плакети добија клубови, поединци, тренери, судии, манифестации кои изминатава година постигнаа врвни резултати не само на домашен туку и на меѓународен терен.
На спортската манифестација за амбасадор на велешкиот спорт беше прогласена фудбалерката Ленче Андреевска, репрезентатитвка на Македонија во фудбал, моментално со ангажман во супер лигата на Турција.
Посебно признание за придонес во спортот доби Иле Чуповски, долгогодишен спортски работник во повеќе спортови, поранешен претседател на МВК „Велес“, еден од основачите на ФК „Македонско сонце“ и основач и организатор на велосипедската трка „Димитрија Чуповски“ или денешен „Трофеј Велес“. посебно признание за помагање на спортот му беше врачено на Горанчо Лазов сопственик на ПИ „Кристал 1923“.
Признанието за традиционални вредности и беше доделено на Вардарска регата „Гемиџии“, годинава одржана по 24 пат во чест на Гемиџиите и која доплови до крајната дестинација, градот Солун во Грција.
Во категоријата млади спортисти за најуспешни годинава прогласени се Јана Митровска од Карате клуб „Будо“ Велес, Илија Ѓорѓиев од ККК „Вардар“ Велес, Марјан Климкаров од КК „Борец Баскет“, Дарис Мемиќ пингпонгар, Олег Дејановски од МК „Мото Велес“, Антонио Заров од „Фруит ленд Борец“, Марија Пановска од ККК „Гемиџии 903“ Велес, Андреј Цилаков член на кадетска репрезентација, Марија Прпева од Тениски клуб „Борец“ Велес, Марко Варналиев од Кајак клуб „Бабуна“ Велес, Сара Јовевска од Женски фудбалски клуб „Борец“, Константин Коцев БЏЏ „Будо“ Велес, Христијан Николиќ од МВК „Велес“, Ања Трајкова од ГОК „Борец“, Левче Картинов од Боречки клуб „Борец“ Велес, Марко Димовски од Карате клуб „Гладијатор“ и Андреј Арсов од Атлетски клуб „Борец“ Велес.
Во категоријата спортисти сениори за најуспешни беа прогласени Трајче Илиевски од АК „Борец“ Велес, Стефан Рибарски од ККК „Вардар“ Велес, Стефан Филиповски од ФК „Борец 1919“, Виктор Ванчевски од МВК „Велес“, Васко Николов од ГОК „Борец“ Велес, Ели Панова од Стречалки клуб „Велес“, Кристијан Лазаров од ККК „Арка – Борец“ Велес, Ивица Илиев од РК „Фуитленд Борец“ Велес, Кристијан Ванчевски од МВК „Велес“ и Ангел Петрушев од ККК „Вардар“ Велес.
Во категоријата сениорски екипи третото место му припадна на ККК „Вардар Велес – Кајак слалом“, второто место на на РК „Фруитленд Борец“ и првото место на МВК „Велес“.
За тренер на годината на сениори, прогласен е Димче Стефановски од ККК „Вардар Велес“ додека за младински тренер за 2024 Кристијан Николов од МВК „Велес“.
За успешни младински клубови прогласени се ККК „Арка Борец“ Велес кој го освои третото место, ГОК „Борец“ Велес со второто место и за најуспешен ККК „Вардар“ Велес.
За најдобро организирани и реализирани спортски манифестации во 2024 година, според најголем број на посетители и Велес го ставија на мапата на светскиот спорт беа прогласени „Светски куп во спуст на дива вода“ организиран и реализиран од ККК „Арка Борец“ од Велес, кој траеше три дена и на кој учествуваа 17 држави и 250 натпреварувачи и „Спортските игри Велес – Дематели Инвест груп“, спортска манифестација која траеше пет денови и на која учествуваа 540 спортисти од осум земји коишто одиграа вкупно 300 спортски натпревари пред 25 илјади посетители.
Годинава за најдобар судија беше прогласен Раде Стефановски и Постхумно признание беше доделено на велешката спортска легенда, ракометарот Ристе Велковски.
Од категоријата „Училишен спорт“ признанија добија ООУ „Блаже Конески“, СОУ „Гимназија Кочо Рацин“ и спортските педагози Лазо Радевски и Зоран Јованов.
За добро расположение на спортската манифестација со изведби на македонски и странски композиции се погрижи Никица Николов.
Убавка Јаневска