Томба, Компањони и Гоџа го запалија олимпискиот пламен, ЗОИ 2026 официјално беа отворени
Објавено: 7 февруари, 2026, во 09:17 часот
Легендарните италијански скијачи Алберто Томба и Дебора Компањони, освојувачи на по три олимписки златни медали, го запалија пламенот во Милано, а Софија Гоџа во Кортина, и официјално ги започнаа 25-тите Зимски олимписки игри.
Игрите во Милано и Кортина официјално ги прогласи за отворени претседателот на Италија, Серхио Матарела.
По 20 години, Италија повторно е домаќин на Зимските олимписки игри, откако градот Торино беше домаќин на настанот во 2006 година.
Ова се најраспространетите олимписки игри – летни или зимски, со арени распослани на повеќе од 22.000 квадратни километри, што е блиску до големината на целата американска држава Њу Џерси.
Главната церемонија се одржа во Милано, на легендарниот стадион Сан Сиро, кој беше отворен пред еден век и треба да биде заменет со нов во следните неколку години.
Спортистите парадираа на уште три места носејќи ги знамињата на своите земји – Кортини д’Ампецо во центарот на Доломитите, Ливињо во Алпите и Предацо во автономната покраина Тренто.
Ова овозможи спортови како алпско скијање, боб, карлинг и сноубординг да бидат претставени во парадата на земјите без потреба од патување од неколку часа до Милано.
На Игрите, наместо еден олимписки пламен, беа запалени два – на различни локации, и двата беа наменети како почит кон геометриските студии на Леонардо да Винчи, од кои едниот се наоѓа на четири километри од Сан Сиро во Милано, а другиот во Кортина.
На церемонијата настапија американската поп-ѕвезда Мараја Кери, легендарниот италијански тенор Андреа Бочели, а почит му беше оддадена и на покојниот дизајнер Џорџо Армани, кој почина неодамна на 92-годишна возраст.
Армани со децении дизајнира олимписки и параолимписки униформи за италијанската репрезентација.

Македонскиот олимписки тим на свеченото отворање во телевисиакиот пренос беше прикажан од двете локации.

Инаку, на почетокот на церемонијата, која траеше три и пол часа, домаќинот оддаде почит на културата, уметноста, историјата, музиката, модата, храната – сè што ја прави Италија Италија.
На Сан Сиро беа претставени некои од најпознатите италијански актери, пејачи, модели, спортисти.
Дума.мк

