АХВ од 15 септември спроведува орална вакцинација на лисици против беснило, граѓаните внимателно да се движат во природа!
Објавено: 17 септември, 2025, во 11:14 часот
Кампањата се спроведува со авионско фрлање на вакцинални мамки од спортскиот аеродром во Штип. Мамките се фрлаат на целата територија на државата, со исклучок на населените места, водените површини и планинските врвови над 2.000 метри надморска височина. Во оваа кампања фрлени ќе бидат околу 450 илјади вакцинални мамки. Кампањата е предвидено да заврши на крајот на септември годинава поточно на 28 Септември – Светски ден за борба против беснило.
„Апелираме до граѓаните во наредниве денови исклучително внимателно да се движат во природа, да внимаваат во комуникацијата со животните, особено со лисиците кои се приближуваат до населените места и не покажуваат страв од луѓето кои потребно е во никој случај да не ги допираат вакциналните мамки, што имаат кафена боја и личат на чоколадни коцки. Направени се од смеса со рибино брашно и имаат мирис на риба кој ги привлекува лисиците. Во мамките има пластична капсула со течна вакцина која содржи атенуиран вирус на беснило и биолошки маркер – тетрациклин за утврдување на успешноста на вакцинацијата. Истите се соодветно обележани, со инструкции за начинот на постапување при допир,“ соопштија од Агенција за храна и ветеринарство.
Оттаму додаваат доколку сепак се случи граѓаните да дојдат во контакт со мамките, рацете задолжително да се измијат со поголемо количество вода и сапун, а при самоповредување или рассечување со дел од капсулата на вакцината, задолжително да се побара помош од лекар. За време на кампањата и наредните денови, се препорачува кучињата да се шетаат на поводник, за да се избегне нивен контакт со мамките. Доколку кучињата или мачките дојдат во контакт со мамката, таа не е штетна по нивното здравје.
Три недели по завршувањето на вакциналната кампања, АХВ ќе спроведе контрола на успешноста на акцијата (поствакцинален мониторинг), при што се апелира ловните друштва, од средината на месец октомври, согласно склучените договори, да извршат застрел на договорениот број лисици за лабораториско испитување на успешноста на имунизацијата кај лисиците преку утврдување на присуство на антитела и детекција на тетрациклин во забите кај отстреланите лисици.
Македонија почна со имплементација на Програмата за орална вакцинација на лисиците против беснило во мај 2011 година. Оттогаш потврдени се 9 случаи на беснило, 8 кај диви животни (4 лисици и 4 волци) и еден кај домашна мачка во 2012 година. Од 2012 година, кога е потврден последниот случај на беснило кај мачка во Радовишко, во земјава не се регистрирани нови случаи на болеста кај домашните животни. Овогодинешната есенска кампања за орална вакцинација се спроведува за прв пат по 3 години пауза со финансиска поддршка од Европска здравствена и дигитална извршна агенција (HADEA). Вредноста на поддршката од Агенцијата за период од три години за пролетната и есенската орална вакцинација изнесува околу 2,5 милиони евра.
Дума.мк


