Ангелов: Се надеваме дека пожарот кај Будинарци денес ќе биде целосно изгаснат

Ние немаме време за филозофирање, бидејќи секој ден гасниме пожари. Вчера имаше четиринаесет такви пожари, во овој момент има само четири. Се надеваме дека најмалку еден од овие четири пожари денес ќе биде целосно изгаснат, а тоа е пожарот во Општина Берово, над селото Будинарци, изјави директорот на ЦУК, Стојанче Ангелов на денешната прес-конференција.
– За него вчера доцна попладне направивме контролиран контрапожар со којшто го ограничивме реонот на којшто пожарот може да се шири. Рано утрово, хеликоптер на МВР со пожарникари од Австрија и наши пожарникари, направи извидување на теренот за да ги одредат приоритетните точки коишто треба да се гасат бидејќи гори на неколку места и чади на неколку места. На лице место, до Будинарци е армискиот хеликоптер којшто, најверојатно, веќе почнал со дејство. Чекаше да заврши извидувањето, да добие квалитетни информации, вели Ангелов.
Како што информира Ангелов, само за пожарот во Будинарци се ангажирани повеќе од 500 лица – 136 пожарникари од Австрија со 52 возила, 45 лица од Словенија со четири противпожарни возила и 25 лица од Бугарија со пет возила. Покрај ова, има повеќе од 100 локални пожарникари од локалното население, од Берово, Пехчево итн.
