Чести и обилни врнежи, силен ветер а од ноќта кон понеделник заладување и снег
Објавено: 12 февруари, 2026, во 08:28 часот
„Територијата на Македонија останува постојано да биде под влијание на длабока циклонска активност со центар над Џеновскиот залив и истата постојано се обновува и во следните денови ќе условува да имаме нови врнежи од дожд во Македонија кои повремено ќе бидат обилни и проследени со засилен до силен јужен ветер. За време на викендот врнежите локално ќе бидат проследени и со појава на грмежи.
И во Скопје исто така продолжува променливото време со повремени врнежи од дожд кои пообилни ќе бидат за време на викендот кога ќе дува засилен до повремено силен ветер од јужен и од југоисточен правец.
На повисоките планини со надморска височина од над 1400/1500 метри врнежите ќе бидат од снег.
Температурите до недела, 15 февруари, ќе бидат во пораст и над просекот за овој период од годината па така речиси ќе бидат над 10 степени а на повеќе места тие ќе се искачат и до околу 15 степени. Во Повардарието и во југоисточните предели температурата за време на викендот очекувам да се искачи до близу 20 степени.
Поради продор на ладен бран од север, во текот на ноќта недела кон понеделник, на 15/16 февруари и во понеделник, 16 февруари, ќе настапи нагло заладување на времето со повремено засилен ветер од северен правец а врнежите од дожд освен во повисоките населени места ќе преминат во врнежи од снег во дел од градовите особено во западните и во северните предели од Македонија,“ соопшти метео прогнозерот Славчо Попоски.
Дума.мк


