Циклон над Македонија: Ќе дува силен ветер до 80 км/час, ќе имаме и нови врнежи

„Под влијание на циклонска активност со центар западно и северозападно од Македонија, во државата, продолжува периодот на многу променливо време со температури над просекот за овој период од годината и тоа поради силното јужно и југозападно струење на висина кое условува прилив на топол воздух од југозапад. Ќе имаме и повремени локални врнежи од дожд кои на повеќе места локално ќе бидат пообилни и проследени со појава на грмежи, во понеделник и во вторник, на 27 и 28 октомври.
Ќе дува засилен, повремено силен ветер од јужен и од југозападен правец што локално ќе достигнува брзина до околу 80 км/час. И во Скопје и околината пообилни врнежи ќе има во понеделник и во вторник а ќе дува и повремено засилен до силен ветер од јужен и од југозападен правец.
Температурите до 27 октомври, понеделник, ќе бидат без промени и натпросечно високи а позначително заладување и продор на ладен воздух од север ни следува од вторник, 28 октомври, кога ќе дува засилен ветер од северен правец. На планините врнежите од дожд ќе преминат во врнежи од снег, соопшти метеопрогнозерот Славчо Поповски.
Дума.мк


