Дојави за бомби во неколку училишта во Скопје и Куманово

Објавено на 15 декември, 2022 во 11:11

Дојави за поставени бомби утринава пристигнале до неколку основни училишта во Скопје и Киманово, потврдуваат од МВР за МИА.

Како што соопшти МВР, утрово во СВР Скопје и СВР Куманово било пријавено дека на електронските адреси на училишта во Скопје и Куманово е упатена закана за поставена експлозивна направа.

– Веднаш по добиените пријави, од полициски службеници се преземени мерки за безбедно евакуирање на објектите и во тек се антитерористички проверки и се преземаат мерки за расчистување на случаите, информираа од МВР.

Дојави за бомби, според сознанија на МИА, има во основните училиште „Александар Македонски”, „Лазо Ангеловски” и „Ѓорѓија Пулевски” на територија на Општина Аеродром, како и во ОУ „Киро Глигоров” во Центар.

И од ОУ „Браќа Миладиновци” во Куманово и од Советот на родители, потврдија дека утрово добиле дојава за поставена бомба во училиштето.

– Екипите на СВР Куманово се на терен, учениците и наставниците безбедно се евакуирани, изјави за МИА директорката на училиштето Јасмина Спасовска.

Градоначалникот на општина Куманово Максим Димитриевски ја информира јавноста дека дојави за бомби пристигнале во девет основни и едно средно училиште на територија на Општина Куманово. Станува збор за основните општински улилишта „11 Октомври“, „Бајрам Шабани“, „Браќа Миладиновци“, „Крсте Мисирков“, „Браќа Рибар“, „Јероним Дерада“, „Карпош“ – Умин Дол, „Кирил и Методиј“, „Кочо Рацин“ и средното општинско улилиште „Гоце Делчев“.

„Екипите на СВР Куманово при Министерството за внатрешни работи се на терен и се преземаат мерки за расчистување на случаите. Учениците и наставниците безбедно се евакуирани, а родителите и граѓаните да бидат смирени. Во текот на вчерашниот ден, во општината имавме координативен состанок за справување во кризни ситуации и преземање на мерки“, потенцира Димитриевски.

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.