ДЗС бара лица за помош во гаснење пожари, нуди 44 илјади денари месечен или за три месеци надоместок околу 2.150 евра
Објавено: 11 јуни, 2026, во 09:27 часот
Oчекуваниот зголемен ризик од пожари на отворен простор и шумски пожари во текот на летниот период причина е што Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС) упати јавен повик за ангажирање на поранешни припадници на Полицијата, Армијата и Противпожарните единици, со цел организирано учество во гаснењето пожари низ државата.
Потребни се лица за повеќе позиции, меѓу кои возачи на специјални противпожарни возила, пинцгауери, хермелини и БТР возила пренаменети за противпожарна намена, како и оператори на противпожарни пумпи вградени во возилата и оператори со противпожарни водни ранци и метли, вели директорот Стојанче Ангелов.
Од ДЗС повикуваат заинтересираните да се вклучат во справувањето со пожарите, со можност за заработка од 132.000 денари за тримесечен ангажман во текот на летото, односно околу 2.150 евра.
Право на пријавување имаат лица со најмалку пет години искуство во Полиција, Армија или противпожарни служби, без разлика дали се пензионирани или поради други причини веќе не се дел од службите.
Кандидатите треба да бидат здрави и во добра психофизичка кондиција, соодветна на возраста. За пензионираните кандидати, пензијата нема да биде прекината, а дополнително ќе добиваат месечен надоместок од 44.000 денари нето преку договор на дело.
Од Дирекцијата најавуваат дека ќе обезбедат здравствени прегледи, основна проверка на психофизичката подготвеност, кратка противпожарна обука, униформа и неопходна опрема. Ангажираните најпрво ќе бидат вклучени во полесни интервенции, а подоцна, по потреба, ќе даваат поддршка и во посложени пожари на територијата на државата.
Дума.мк


