ДЗС: Трговците се жалат на лошата економска состојба !
Економската состојба во деловните субјекти во кој работиме е влошена во однос на претходниот квартал и споредено со истиот период минатата година, вака се пожалиле сопственици на фирми во државава чија дејност е трговија на мало. Овие резултати ги објави Државниот завод за статистика.
Според раководители на претпријатија од областа на трговијата на мало финансиската состојба во третото тримесечје им е поповолна споредено со второто тримесечје, a нивните очекувањата за економската состојба во периодот кој следи се на исто ниво како во претходното тримесечје. Забележиле намалување на количината на залихи.
Малку понеповолни се очекувањата за бројот на вработените како и оценките за очекуваните порачки во иднина споредено со второто тримесечје од оваа година. Исто така раководителите на овие деловни субјекти оцениле дека продажните цени во третото тримесечје се зголемувале во однос на претходното тримесечје, а нивен раст се очекувал и во наредните три месеци.
Слабата побарувачка на купувачите со 35.1%, зголемената конкуренција со 16.3% и поголемата понуда на пазарот со 15.3% имале најголемо влијание на ограничувањето на економската состојба на деловните субјекти во текот на третото тримесечје од оваа година.
