ЕУ не може да вети датум за почеток на преговори
Гледам многу подобро сега дека меѓу двете влади меѓу двата премиера дека има многу поцврста волја да се постигне решение. Затоа што исто така, повторувам, дека, билатералните прашања не смеат да загрозуваат никаков веќе процес на пристапување дури ни ако се засновани на етничко-лингвистички согледувања. Значи тоа е нашата заложба. Не можам да ви ветам датум, меѓутоа, можам да ви ветам волја, рече високиот претставник за надворешна политика на Европската унија Жозеп Борел при вчерашната посета на земјата.
Тој на заедничката прес конференција со премиерот Димитар Ковачевски, изјави дека не може да даде конкретно ветување дека преговорите на земјава ќе почнат во јуни. Сепак, истакна дека руската инвазија врз Украина, Европа треба да ја сфати како момент на будење и да има забрзани чекори кон интегрирање на Западниот Балкан. Борел потсети на отворените прашања што Бугарија ги наметна кон Македонија и повика тие да бидат решени за да не се загрозува европскиот процес.
Премиерот Ковачевски рече дека сегашната состојба на статус-кво никому не му оди во прилог и дека блокадата на пристапните преговори за Македонија се чувствува во целиот регион, но и дека единствено целосно обединета Европа е силна Европа. Според него, новиот принцип на соработка кој го воспоставија со бугарскиот колега Кирил Петков е вистинскиот пат по кој ќе се дојде до решение на спорот.
– Од исклучителна важност е ЕУ и земјите членки да се вклучат, зашто проширувањето со земјите од Западен Балкан е веќе стратешко и безбедносно прашање. Интеграцијата значи посветеност за стабилна и обединета Европа. Земјите од Западен Балкан се тесно поврзани и кога има напредок кај една земја, тоа е поттик за напредок кај другите соседи – истакна Ковачевски.
Тој повтори дека решението со Бугарија ќе биде заеднички прифатливо, во духот на европските вредности и во согласност со Резолуцијата од македонското Собрание, како и дека не сака да се врзува со конкретни датуми, туку со остварување на целите.