Германците годишно ќе плаќаат 500 евра повеќе за гас
Германските домаќинства ќе мораат годишно да плаќаат 500 евра повеќе за гас, откако земјата воведе данок од 2,4 центи по киловат час гас од октомври, со цел да им помогне на увозниците што се погодени со дополнителни трошоци, поради сè помалите резерви руски гас. Ваквата одлука донесе голем притисок врз Берлин, а јавноста бара дополнителни мерки за да се намали нивната потрошувачка, пишува „Еурактив“.
За едно просечно четиричлено семејство, надоместокот на годишно ниво ќе изнесува околу 480 евра, или зголемување од околу 13%, според пресметките на платформата за споредба цени на „Веривокс“.
„Алтернативата ќе беше колапс на германскиот енергетски пазар, а со тоа и големи делови од европскиот енергетски пазар“, рече министерот за економија Роберт Хабек за давачката.
Германскиот енергетски модел зависен од Русија пропадна и тој нема да се врати, им рече Хабек на новинарите.
„Треба да брзо да ја промениме нашата политика. Притоа, ќе мора да издржиме низ некои турбулентни моменти“, рече Хабек.
Индустријата, исто така, ќе биде предмет на повисоки трошоци, при што Германската федерација за челик соопшти дека ќе додаде уште околу 500 милиони евра годишно на сметките за енергија во секторот, покрај 7 милијарди евра дополнителни трошоци кои веќе се припишуваат на високите цени на енергијата.
„Доплатата за гас значително го зголемува притисокот на трошоците што веќе се врши врз челичната индустрија со екстремните зголемувања на цените на енергетските пазари“, рече претседателот на Федерацијата за челик, Ханс Јурген Керхоф.