Хасани: Утре ќе се знае за носењето маски на отворено, верувам дека ќе има олабавување на мерките
„Утре имаме состанок на Комисијата за заразни болести, на која што ќе се дискутира за понатамошно олеснување на мерките. Јас сум оптимист, имајќи ги во обзир бројките, коишто е неверојатно колку се намалија“, вели заменик-министерот за здравство, Илир Хасани.
Според него, тој верува дека ќе има опуштање на мерките, односно повлекување на полицискиот час и тргнување на носењето маски на отворено.
„Ќе има дополнителни анализи, но без да го ризикуваме здравјето на граѓаните. Лично маската ја носам на отворено, но чувствувам тежина кога сум сам или седам некаде со неа на отворен простор“, додава Хасани. Хасани вели дека понатамошното олеснување на мерките го дозволува и актуелната епидемиолошка состојба со драстично намалениот број на хоспитализирани и новозаразени.