Хрватската Влада ги ограничи цените на горивата
По втор пат за неколку месеци, хрватската влада донесе одлука со која цената на бензинот ја ограничи на 11,37 куни (1,51 евра), дизелот на 11,29 куни (1,50 евра) и синото гориво (природниот гас) на 6,50 куни (0,86 евра).
Премиерот Андреј Пленковиќ вели дека Владата покажува дека се грижи за граѓаните иако тоа не е пазарен метод.
Бројачите на апарати на бензинските пумпи ќе покажуваат иста цена еден месец. Владата со замрзнувањето сака да им помогне на граѓаните и на претприемачите, појаснува хрватскиот премиер.
„Испраќаме уште една порака, вистината е интервенционистичка. Таков е овој наш мандат што мораме постојано да носиме одлуки поради низа надворешни околности во кои покажуваме дека државата се грижи за своите граѓани, нивниот стандард, во овој случај и граѓаните и стопанството кога се во прашање нафтените деривати“, вели Пленковиќ.
Во Хрватска, пазарот целосно ја одредува цената на горивото од 2014 година. Но, во октомври минатата година, Владата за првпат прибегна кон член 9, став 2 од Законот за нафтени деривати, односно донесе уредба за ограничување на цените, по наглиот скок на цената на нафтата и дериватите на меѓународните пазари.
Од Уредбата е видливо дека не се ограничени цените на дериватите со додадени мултифункционални адитиви, односно бензинот со повеќе октани и т.н. „премиум“ горива, кои се повеќе од основните еуросупер 95 и еуродизелот.