ИЈЗ: За 37 % е намален бројот на заразени од Ковид-19
Според неделниот извештај на Институтот за јавно здравје, во периодот од 03 до 09 мај 2021, тестирани се вкупно 15.781 материјали во лабораториите во кои се спроведува молекуларно тестирање и антигенско тестирање за присуство на SARS-CoV-2, со зголемување од 5,4% во однос на минатата недела. Регистрирани сe 1.304 нови позитивни случаи од 33 градови во државата со намалување од 37,2% во однос на минатата недела.
Најголем дел од регистрираните случаи се од Скопје, со неделна инциденца – 78,0/100.000. Највисока неделна инциденца од 169,9/100.000 е регистрирана во Виница.
Процентот на позитивност се движи од 2,5% до 12,2%, просечно 7,5%.
Регистрирани се заболени лица во сите возрасни групи. Најзастапена е возрасната група на лица на возраст над 60. Најмал број е регистриран кај децата од 0-9 и 10-19 години. Се забележува намалување на бројот на заболени кај сите возрасни групи, со најголемо процентуално намалување кај лицата до 39 години.
По добиени 2 негативни теста за присуство на SARS-CoV-2 со статус „оздравени“ се стекнале 4.502 лица кои биле хоспитализирани или на домашно лекување, со зголемување од 12,2% во споредба со минатата недела.
Пријавени се 105 смртни случаи од 21 град, 37,1% помалку во однос на минатата недела. Во однос на возраста, 91 лице биле над 60 години, 6 лица на возраст од 50-59 години, 5 лица на возраст од 40-49 години, 2 лица на возраст од 30-39 години и едно лице на возраст од 20-29 години.