Истражување: Ковид-кризата двојно го зголеми бројот на жени зависни од државна помош
Губење на работното место, пад на месечните приходи, зависност од државна помош, отежнат пристап до здравствени услуги се само дел од низата последици со кои се соочија голем број жени во државата, во првите шест месеци од пандемијата со КОВИД-19.
Според истражувањето на Здружението за еманципација, солидарност и еднаквост на жените – ЕСЕ, просечната плата на жените во периодот јануари – август 2020 година е намалена за 338 денари, но кај осум отсто од жените падот надминува 8.000 денари. Пандемијата двојно го зголеми бројот на жени зависни од државна помош, а бројот на домаќинства кои гладуваат пораснал од три на седум отсто.
„Голем е бројот на домаќинства кои гладувале и покрај тоа што користеле гарантирана минимална помош од државата. Семејствата кои не користеле помош пред пандемијата, но потоа почнале да примаат државна поддршка, биле поизложени на гладување во август 2020 отколку во јануари истата година. Ова недвосмислено укажува дека износот на добиена помош од државата не бил доволен за да можат да ги задоволат своите основни потреби“, велат од Здружението ЕСЕ.
Уште еден загрижувачки аспект е дека пандемијата го отежна пристапот до услуги во јавното здравство. Секоја трета жена која имала потреба од здравствена заштита, неповрзана со КОВИД-19, не добила соодветни услуги во јавните здравствени установи. Од нив, 63 отсто не можеле да стигнат до преглед кај специјалист, а 12 отсто биле оневозможени да направат хируршка интервенција. Како последица на тоа, на 20 отсто од овие жени им се влошила здравствената состојба.
„Би сакале да потенцираме дека 41 отсто од овие жени платиле на приватно за здравствените услуги, со што се изложиле на дополнителни трошоци. На тој начин, отежнатиот пристап до здравствената заштита за време на пандемијата ги изложува на дополнителни финансиски трошоци кои може да водат до задолжувања и осиромашување на жените и нивните семејства“, велат од Здружението ЕСЕ.
Истражувањето има посебен осврт на жените од ромската заедница. Месечните приходи на жените Ромки во првите шест месеци од пандемијата во просек се намалиле за 1.637 денари што е за пет пати повеќе од националниот просек. Секоја трета Ромка користела државна помош, а за четири пати се зголемил бројот на оние кои не можеле да се прехранат.
„Пандемијата многу повеќе влијаела врз економскиот статус на Ромките во однос на останатите жени, имајќи го предвид фактот дека двојно повеќе жени Ромки користеле некој вид државна помош во однос на останатите жени“, објаснуваат од Здружението ЕСЕ.
Во однос на здравствената заштита, главен проблем со кој се соочиле Ромките, кои имале здравствен проблем неповрзан со КОВИД-19, била неможноста да добијат преглед од матичен лекар.