Истражување за отвореностa: Македонската влада е на прво место, а Собранието на трето место во регионот
Владата на Северна Македонија е прворангирана во регионот според Индексот на отвореност на собранијата и централните власти и исполнува 83,43 проценти од поставените критериуми за отвореност, а од парламентите Собранието е на трето место со исполнетост од 68,15 проценти од поставените критериуми. Ова го покажува Проценката на состојбата на добро владеење на собранијата и извршните гранки на централните власти на четири држави од Западен Балкан – Северна Македонија, Србија, Црна Гора и Босна и Херцеговина, спроведена од Проектот на УСАИД за граѓанско учество и Националната фондација за демократија, Фондацијата Метаморфозис во соработка со партнерите од регионалната мрежа на Граѓанската организација Отчетност, технологија и мрежа на институционална отвореност во Југоисточна Европа.
Според истражувањето, најотворена е Владата на Северна Македонија, која исполнува 83,43% од поставените критериуми за отвореност, по која следи Советот на министри на БиХ со 74,9%. На трето место е Владата на Црна Гора со 59,46%, потоа Советот на ФБиХ со 58,42%. Владата на Република Србија исполнува 47,67% од критериумите, а Владата на автономната покраина Војводина 50,18%. На последно место е Владата на Република Српска со 38,53% исполнување на критериумите за отвореност. Како прва земја во регионот што објави и имплементира Стратегија за транспарентност, Северна Македонија даде пример како институцијата треба систематски да пристапува и да ги насочува своите напори кон проактивна транспарентност и отвореност кон своите граѓани. Најдобри резултати постигнуваат министерствата во Северна Македонија со 62%, потоа министерствата на Црна Гора со 57,9%, министерствата во Србија со 48,7% и министерствата во Босна и Херцеговина кои исполнуваат 30,6% од критериумите за отвореност.
Собранието на Република Северна Македонија, се наведува, исполнува 68,15 проценти од индикаторите за отвореност и е рангиранo на трето место во регионот (на прво место останува Собранието на Црна Гора со 77,89 проценти, по кое следи Собранието на Словенија со 72,31 процент исполнетост на индикаторите за отвореност). Како тело кое е директно избрано од граѓаните и одговара пред граѓаните, Собранието, се посочува, треба да вложи поголеми напори за обезбедување целосна транспарентност, односно отвореност.
Ова истражување се спроведе како дел од активностите на Метаморфозис во рамките на Проектот на УСАИД за граѓанско учество.