Изложба посветена на жените кои оставиле силен печат во македонската медиумска историја
Објавено: 21 септември, 2025, во 13:33 часот
Публиката ќе може да види 30 фотографии кои сведочат за нивната улога во зачувувањето и развојот на професионалните медиуми во земјава. Подготовките на изложбата беа направени во соработка со семејствата на овие жени. Изложбата ја организира Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници во соработка со Женската медиумска мрежа „Еднаква“.
Жените во медиумската индустрија играат клучна улога уште од првите денови на македонското новинарство. Нивното присуство не било само симболично, тие влијаеле врз етаблирање на професионалните стандарди, отворале авангардни теми кои го менувале општеството и биле глас за оние што останувале без глас во јавноста.
Историјата сведочи за голем број значајни имиња од почетната ера на македонското новинарство, радио и телевизиски пренос, како и првите репортерки, монтажерки, камерманки, фоторепортерки кои ги отвораа прашањата за политичките и општествените случувања, култура, образование и социјална правда во јавната сфера.
Изложбата ќе се одржи на 24 септември 2025 година, во 19:30 часот, во скопското кафуле „Излет“. (Локација: https://maps.app.goo.gl/ZUTuyfKjuf6eyJKK7)
Дума.мк

