Изложба „Жените зад насловите: 80 години медиумска историја“ (фото)

Објавено: 27 септември, 2025, во 15:44 часот

Со пораката дека жените секогаш ќе имаат важна улога во медиумите во средата, 24 септември, беше отворена изложбата „Жените зад насловите: 80 години медиумска историја“.

На отворањето на изложбата посветена на жените кои оставиле силен печат во македонската медиумска историја беа поставени 30 фотографии од жени – новинарки, уреднички, монтажерки, снимателки, фоторепортерки, спикерки кои на различни начини со својата работа оставиле печат/траг во медиумскиот простор и во јавноста.

На изложбата беше потенцирано дека жените во медиумската индустрија играат клучна улога уште од првите денови на македонското новинарство. Нивното присуство не било само симболично, тие влијаеле врз етаблирање на професионалните стандарди, отворале авангардни теми кои го менувале општеството и биле глас за оние што останувале без глас во јавноста.

Историјата сведочи за голем број значајни имиња од почетната ера на македонското новинарство, радио и телевизиски пренос, како и првите репортерки, монтажерки, камерманки, фоторепортерки кои ги отвораа прашањата за политичките и општествените случувања, култура, образование и социјална правда во јавната сфера.

На отворањето на изложбата Марија Митевска од Женската медиумска мрежа „Еднаква“ рече дека жените имале клучна улога од формирањето на медиумите до денес.

„Тие немале само симболична улога, туку основале, уредувале и предводеле медиуми. Започнале да работат и на позиции кои биле резервирани само мажи. Им оддаваме признание на дел од оние жени кои оставиле голема трага во развојот на медиумите и воедно испраќаме порака дека жените секогаш ќе имаат важна улога во професијата”, рече Митевска.

Претседателот на ССНМ, Павле Беловски ги поздрави присутните кои беа од најразлични генерации и рече дека ваквите настани за одбележување на трудот на жените во професијата се од големо симболично значење.

Мира Костиќ, која над четири децении мина во Македонското Радио рече дека да се биде жена во новинарството е тешка задача.

„Да се биде жена-новинар е исклучително тешко. Бидејќи според нели традиционалното општество жената прво дома треба да си ги среди работите, а потоа да оди на работа и да ја заврши професионалната обврска. Оттаму без оглед на тоа што новинарството е тешка и високоризична професија, за мене која поминав над 40 години во македонското радио, тоа е најубавата професија која сум ја избрала и која повторно би ја избрала“, рече Костиќ.

Поранешниот претседател на ССНМ, и современик на голем од претставените на изложбата Ѕвездан Георгиевски рече дека во текот на годините спознанието дека одредени позиции се резервирани само за мажи е променето и сега дефинитивно може да се каже дека новинарството е доминантно женска професија.

Подготовките на изложбата беа направени во соработка со семејствата на овие жени, а еден од главните критериуми на ССНМ и „Еднаква“ беше пред се кршење на правилото дека одредено место во медиумите било резервирано само за мажи, како и трагот кој овие жени го оставиле во професијата.

Изложбата „Жените зад насловите: 80 години медиумска историја“ беше организирана од Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници и Женската медиумска мрежа „Еднаква“, со поддршка на Меѓународната федерација на новинари и Union to Union.

Во изложбата беа опфатени фотографските портрети на следните медиумски професионалки: Веселинка Малинска, Ружа Бак, Невенка Митревска, Лилјана Мазова, Жанета Скерлев, Мира Костиќ, Мира Јанковска, Лиле Јаковлевска, Оливера Попанкова, Милка Герасимова, Јадранка Костова, Горица Попова, Маја Илиевска Јанева, Марина Ристевска, Тања Битољану, Тамара Чаусидис, Бранка Станковска, Љупка Апостолова, Ема Николовска, Лилјана Чаловска, Дрита Карахасан Бошковска, Сузана Каба, Назмије Пацоли, Мерита Дитатаху, Вера Тодоровска. 

Дума.мк

Фото галерија:

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.