Казнети 1.293 учесници во сообраќајот за само два дена – 305 за брзо возење

Објавено: 23 јули, 2025, во 10:59 часот

Во рамки на засилените сообраќајни контроли што се спроведуваат на територијата на целата држава, полициските службеници од сите сектори за внатрешни работи за време на првите два работни дена од оваа недела регистрираа вкупно 1.293 прекршоци согласно Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата и Законот за возила.

Најголем дел од прекршоците, 305, се однесуваат на возење со неприлагодена брзина, што останува една од водечките причини за сообраќајни незгоди во земјава. Покрај тоа, изречени се и 340 санкции за неправилно паркирање, додека 97 лица биле фатени како управуваат возило без возачка дозвола и биле веднаш отстранети од сообраќај.

Во фокусот на контролите беа и другите небезбедни навики на возачите и останатите учесници во сообраќајот. Така, 47 лица биле казнети за некористење сигурносен појас, 49 за користење мобилен телефон при возење, а 85 мотоциклисти биле санкционирани за неносење заштитен шлем.

Евидентирани се и 18 случаи на минување на крстосница со црвено светло, а дури 122 прекршоци се однесуваат на пешаци кои не ги почитувале правилата за движење.

Особено загрижува податокот дека 11 возачи биле затекнати да управуваат возило под дејство на алкохол над дозволената граница, поради што веднаш биле исклучени од сообраќај.

Дополнително, согласно Законот за возила, биле регистрирани 12 прекршоци за технички неисправни возила и 22 за возила што не биле регистрирани.

Од Министерството за внатрешни работи најавуваат дека засилените сообраќајни контроли ќе продолжат и во наредните денови. Повторно се апелира до сите учесници во сообраќајот да ги почитуваат правилата и прописите, со цел заеднички да придонесеме за побезбедни патишта и помалку жртви на патиштата низ земјава.

Дума.мк

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.