Ковачевски го отфрли францускиот предлог
Премиерот Димитар Ковачевски денеска од Брисел изјави дека изразил незадоволство од динамината со која одвиваат процесите за пристап и преговори.
„С. Македонија е кандидат скоро 18 години. Договорот за стабилизација и асоцијација го потпишавме пред 21 година. Ќе бидам директен уште веднаш. Ова што се случува е сериозен удар за кредибилитетот на ЕУ. С. Македонија и Албанија не смеат да дозволат да тапкаат во место поради една земја членка која не успева да се координира и да обезбеди деблокирање на европскиот пат. Не смееме да дозволиме билатералните прашања да станат мултилатерален проблем. Во преговорите со Бугарија влеговме искрено и решението да биде поставено на европски вредности. Бугарија реши да се врати во минатото и повторно да постави блокада, која оди во прилог само на трети страни кои ќе ги пополнат празнините кои ќе се отворат со вакви непромислени чекори“, појасни Ковачевски.
Што се однесува до францускиот предлог, тој упати благодарност до претседателот Макрон, за неговиот ангажман и напор да се дојде до решение.
„Во динамичниот процес на работа со француското претседателство, ги соопштивме нашите црвени линии и предлог кој би бил прифатлив треба да ги гарантира клучните елементи:
-чиста формулација за македонскиот јазик во преговарачката рамка и заштита на идентитетот
-историските прашања не можат да бидат критериуми во преговарачката рамка
-преговорите меѓу Македонија и ЕУ мора да почнат пред отпочнувањето за вклучувањето на Бугарите, Хрватите и Црногорците во Уставот
-секое решение да е консултирано со институциите на С. Македонија“, истакна премиерот.
Ковачевски појасни дека предлогот во ваква форма не е прифатлив за него, претседателот Пендаровски, за владата, коалициските партнери и граѓаните на Македонија.
-Доколку во текот на француското претседателство, се постигне разбирање на нашите позиции, подготвени сме да се вклучиме во разговори за истите, за да се започне преговори до крајот на јуни. Граѓаните на Македонија треба да се спокојни – ние направивме се, на ред е ЕУ. Ние секогаш ги браниме стратешките цели на државата. Не може да се наметне решение без наша согласност“, изјави Ковачевски во своето излагање во Брисел после самитот ЕУ-Западен Балкан.