Ковачевски: Нема нови моменти со францускиот предлог, двете МНР разговараат
Нема нови моменти во однос на предлогот на француското претседателство со ЕУ за тргање на бугарското вето за евроинтегративниот процес. Разговорите продолжуваат на ниво на експертски тимови на МНР на Северна Македонија и Бугарија, изјави денеска на новинарско прашање премиерот Димитар Ковачевски.
Тој повтори дека Владата останува на ставот за францускиот предлог изнесен на прес-конференцијата во Брисел минатата недела и дека штом се дојде до прифатлив предлог од двете страни тој ќе биде процесуиран во институциите на државава.
-Јас ќе ве упатам на мојата прес-конференција што ја имав во Брисел и ставовите кои таму ги кажав се истите. Во моментов нема ништо ново во однос на тоа што беше разговарано до денот кога беше прес-конференцијата. Како што ви кажував и досега, процесот со Бугарија се води од страна на Министерството за надворешни работи. Министерството за надворешни работи со своите експертски тимови разговараат со МНР во Бугарија. Во моментот кога ќе има прифатлив предлог од двете страни, тогаш тој предлог ќе може да биде ставен во институциите во Северна Македонија. Во овој момент таков предлог нема, рече Ковачевски на новинарско прашање пред обраќањето на работилница за подготовка на Националната стратегија за правата на лицата со попреченост.
Премиерот Димитар Ковачевски на прес-конференција во Брисел по самитот ЕУ-Западен Балкан го отфрли предлогот на француското претседателство како неприфатлив во сегашната форма, со можност разговорите да продолжат доколку се направат прифатливи измени.
Ковачевски рече дека државата има три клучни барања за преговарачката рамка, а тие се целосно признавање на македонскиот јазик, историските прашања да не бидат дел од преговарачката рамка и преговорите да почнат пред внесувањето на Бугарите, Хрватите и Црногорците во Уставот. Тој смета дека се потребни и гаранции оти нема да има нови услови од Бугарија и од Европската Унија.
Францускиот предлог, пак, беше изгласан во Народното Собрание на Бугарија минатата недела. Претседателот на Франција Емануел Макрон го поздрави изгласувањето на предлогот во бугарското Собрание, и најави дека во наредните денови ќе продолжат разговорите со партнерите во Северна Македонија.
Извор: слободен печат