Ковид центрите повторно се ставаат во функција, ситуацијата е најкритична во Тетово

Објавено на 10 август, 2021 во 09:59

Ковид центрите повторно се ставаат во функција, откако има се поголем број заболени на кои им е неопходно болничко лекување.

Ситуацијата е најкритична во Тетово. Во моментов во овој град има 571 активен случај.

Младоженци од Тетово направиле свадба иако заедно со целото семејство биле позитивни на коронавирус. И покрај тоа што имале симптоми на ковид – 19, невеста и зет од Тетово си направиле голема свадба на која ги заразиле гостите. Настанот за СДК го потврди и др. Илчо Ефкоски од тетовската болнца.

-Зетот и невестата дошле да примат инфузии за да се освежат пред свадба. Од дома се напиле парацетамол и не му пријавиле на докторот дека имаат температура. Целата свадба си ја истерале со сите салтанати. Дома направиле брзи ковид тестови, кои покажале дека сите во семејството се позитивни, ама не им поверувале на тестовите дека се точни, бидејќи самите си ги купиле во аптека. ПЦР тест не направиле. И сето ова како да не било доволно, па братот на младоженецот со семејството, каде дел биле позитивни, после свадба веднаш заминале на одмор во хотел во Албанија. За ова немаше да се дознае ако зетот да не заврши на Инфективното одделение со пневмонија. Сега следните од семејството се чекаат за хоспитализација, изјави д-р Ефкоски.

Министерството за здравство информира дека во земјава досега се детектирани 30-тина случаи со делта варијантата на ковид-19, која рапидно се шири насекаде во светот, во регионот, па, како што се наведува, многу е веројатно истото да се случи и кај нас.

Од таму апелираат дека ова ја прави вакцинацијата уште поважна и наведуваат дека мора да се вакцинираат што поголем број граѓани за да се избегне повторно затворање, полициски час и слично. Вкупната бројка на КОВИД-дијагностицирани лица во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 158.164 бројката на оздравени пациенти е 150.556, на починати е 5.509, а бројот на активни случаи изнесува 2.099.

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.