Претседателот на Србија во Македонија
Во дводневна официјална посета на Македонија престојува претседателот на Србија, Томислав Николиќ. Негов домаќин е претседателот Ѓорге Иванов. Николиќ ќе биде примен и од премиерот Никола Груевски како и од претседателот на Собранието, Трајко Вељановски.
Македонскиот и претседателот на Србија, во сабота, ќе бидат гости на три семејства ос српско потекло во дојранското село Сретеново. Потоа ќе го посетат Валандово, родниот град на претседателот Иванов каде ќе присуствуваат на 13-та по ред „Валандовска ракијада“. За двајцата претседатели организирана е посета во винариите Еленови во Демир Капија и Стоби во Градско.
Престојот на претседателот на Србија во Македонија со особен интерес ќе го следи државниот врв на Грција. Официјална Атина е лута откако пред посетата Николиќ даде интервју за македонска национална телевизија во кое изрази разбирање за проблемите со кои се соочува Македонија во спорот со името. Грчкото министерство за надворешни работи го повикало српскиот амбасадор во Атина, Драган Жупањевац каде му било пренесено незадоволството од ставовите на претседателот на Србија Томислав Николиќ.