Изгаснат пожарот во манастирот Трескавец денеска ќе се утврдуваат решенија за штетата!
Синоќа е целосно изгаснат пожарот во манастирскиот комплекс „Трескавец“.
Во големиот пожар што избувна вчера изгореа конаците. Спасени се црквата „Успение на пресвета Богородица” од 13 век и трпезаријата која датира од 14 век.
Во борбата со огнената стихија интервенираа три армиски хелихоптери, армиска единица од прилепската касарна, противпожарната единица од Прилеп, возило од Битола и преку 200 граѓани кои се одзваа на апелот на Центарот за управување со кризи за да помогнат во гаснењето.
Министерката за култура Елизабета Канческа-Милеска изјави дека по увидот кој што го направиле екипи од прилепскиот Завод и музеј, денеска ќе биде доставена информација до Владата за да се направи план за обнова на овој споменик на културата.
Се уште не се познати причините за појавата и штетата што ја предизвика огнот.
Денеска, напладне, вонредна седница ќе одржи Советот на општина Прилеп а час претходно и Економскиот совет на градоначалникот Марјан Ристески.
