Жерновски: Груевски создава своја опозиција!
Објавено: 5 февруари, 2013, во 18:34 часот
Претседателот на опозициската ЛДП Андреј Жерновски ги оквалификува како провидни и штетни за демократијата обидите на власта да создаде своја опозиција.
Тој денеска рече дека се формирале нови партии и се вршеле притисоци на оние кои се членови на опозициските партии.
„Проѕирни се, па и штетни за демократијата обидите како и останатите тоталитарни режими кои што ги познаваме во историјата, да се создаде своја опозиција. Се формираат и нови, се вршат притисоци на оние кои што се членови на опозициските партии. Тука е вклучена и полицијата, ние тоа не го криеме, меѓутоа пак ќе кажам, не само што се тие обиди провидни, туку се и штетни за демократијата затоа што не може да има лажни опозиции и не може премиерот како што си создаде свои синдикати, свои медиуми, како што си создаде свои спортски клубови, сега сака да има и своја опозиција. Се знае која е опозицијата во Република Македонија и чии барања како опозициони барања се легитимни во овој момент и кои имаат најголема тежина”, рече Жерновски.
Опозицискиот „Сојуз за иднината“ и денеска организираше протестен авто-караван во Скопје на кој го повторија барањето за предвремени парламентарни избори.
„Караванот со нашите возила денеска помина низ три општини, низ Бутел, Гази Баба и низ општина Чаир и ние и понатаму ќе ги менуваме нашите маршрути затоа што сакаме сите граѓани на Скопје да бидат сведоци на нашите активности, односно на начинот на кој што ние се бориме против овој режим”, рече Жерновски.
Предлогот на претседателот Ѓорѓе Иванов за формирање експертска комисија која што ќе треба да ги расветлува инцидентите во Собранието од 24 декември, според Жерновски, може да биде еден дел од пакетот за решавање на кризата, но не и основа за нејзино надминување.
