Ховит дојде во Македонија, сака да влијае конструктивно!
Известувачот на ЕП за Македонија Ричард Хаовит денеска во Скопје има средби со македонскиот државен врв и со претставници на политички партии.
Тој во земјата ќе остане до утре, петок со цел да оствари контакт „со сите политички актери и сите останати фактори во општеството“, пренесува Дојче Веле.
„Но во моментов, кога постои прекин на политичкиот дијалог меѓу партиите, уште е поважно да бидам во земјата, да ги слушнам сите и да видам како европскиот пристапен процес може да ги врати работите на вистинскиот пат во Скопје,“ рече Ховит.
На прашањето дали е оптимист дека ќе биде најдено решение за дијалогот меѓу двете големи партии во Македонија, известувачот на Европскиот парламент вели дека неговата работа не е да биде оптимист или песимист.
„Мојата работа е да и‘ помогнам на земјата да се приближи кон Европската унија и сакам да ги сослушам сите партии. Се надевам дека со тоа што ќе бидам во земјата, што ќе ги слушнам сите инволвирани во политичката криза, ќе имам позитивно влијание, но не како судија или посредник, бидејќи тоа не е мојата улога, туку позитивно и конструктивно влијание што ќе овозможи да се воспостави дијалог и да се фокусираме на тоа што треба, а тоа е добивање на датумот за пристапните преговори, што ми е главниот приоритет“ изјави Хауит за Дојче Веле.
