СДСМ: “ВМРО-ДПМНЕ и Груевски немаат грижа за националните интереси“ !
Од најголемата опозициска партија, СДСМ, се заблагодарија за понудата од владеачката партија.
Потсетија дека нивниот последен конструктивен предлог е ако на локалните избори, советничките листи на здружената опозиција „Сојуз за иднината“ освои барем еден глас повеќе од листите на коалицијата околу ВМРО-ДПМНЕ, тогаш да има предвремени парламентарни избори кои ќе се одржат на 29-ти септември.
“ Тоа е предлог кој е повеќе од фер! Бидејќи Никола Груевски постојано тврди дека е сигурен победник на престојните локални избори, никој не може да најде логично оправдување зошто тој упорно избегнува да се соочи со волјата на граѓаните, а со тоа премиерот свесно инвестира во драматично продлабочување на политичката криза со крајно штетни последици за земјата, кои неминовно ќе одат исклучиво на негов товар“ , стои во реакцијата на СДСМ.
СДСМ изрази жалење што со денешната реакција, партијата на Никола Груевски уште еднаш покажала дека нема елементарно чувство, разбирање и грижа за националните интереси на Република Македонија.
“ Приземните, вулгарни формулации и дрски дисквалификации со кои се служи ВМРО ДПМНЕ во реакцијата, се на истата линија и уличарски пристап кој премиерот го користеше сите изминати денови за сериозната политичка криза во која се наоѓа земјата. Ако некој промовира политички мачоизам, тоа е само Никола Груевски, кој тоа го прави свесно и плански загрозувајќи ја иднината на државата, се вели во реакцијата на СДСМ, на соопштението од владеачката партија./A.Д
