Стевчо Јакимовски кандидат за градоначалник на Радикалната странка на Србите во Македонија!
Синоќа, неколку минути пред полноќ, градоначалникот на Општина Карпош Стевчо Јакимовски поднесе кандидатура за нов градоначалнички мандат.
Во неговото соопштение за јавност, објавено и на социјалните мрежи актуелниот градоначалник на општина Карпош напиша дека немало дефанзивно да ја предаде општината.
„Во изминатите четири години, Општина Карпош беше единствената опозициска општина од десетте во Градот Скопје, која успеа сама да опстои и не само тоа, туку да биде најуспешна и најпросперитетна општина потврдена не само во земјата, туку и надвор од неа. Во име на целиот тој четиригодишен влог, јас решив да одам во фронтален дуел со кандидатот на владејачката партија“, напиша на својата официјална страница на Фејсбук, градоначалникот Јакимовски.
Наспроти одлуката на неговата партија СДСМ за бојкот на локалните избори, Јакимовски, и преку неколку македонски медиуми соопшти дека поднел кандидатура преку Радикалната странка на Србите во Македонија на Драгиша Милетиќ, која е дел од опозицискиот „Сојуз за иднината“.
„Мене, како профил на личност и како политичар, сметам дека не ме личи дефанзивно да ја предадам борбата за општината уште во самиот старт, уште пред почетокот на овие или било кои локални избори“, пишува Јакимовски во соопштението до јавноста.
