Црвенковски: “Власта ако има волја може да се реши кризата“!

Објавено: 18 февруари, 2013, во 16:09 часот

Претседателот на опозицискиот СДСМ во интервју за Дојче Веле говори за одлуката за бојкот на локалните избори и следните чекори на неговата партија. Нагласува дека била донесена најтешката одлука во историјата на партијата.

“Свесни сме за последиците што таа ги носи и за партијата и за државата. Но, уште повеќе сме свесни за одговорноста што би ја презеле ако со своите постапки станеме соучесници на власта во нејзините намери за инсталирање на партиско-полициски режим, рушење на правната држава и газење на демократијата. По настаните од 24 декември секакво релативизирање и глумење на нормалност, секаков обид работите да се заборават, не би било ништо друго туку давање на „зелено светло” на Груевски и „фамилијата” да продолжат со своите погубни политики. Не е точно дека со бојкотот граѓаните ќе немаат избор. Тие го имаат и се наоѓаат пред клучниот избор. Дали молчешкум и со наведната глава ќе се согласат да живеат во страв и без било каква прерспектива или ќе се решат да пружат отпор, да си ја вратат државата назад. Да ја одбранат слободата, демократијата, правдата,  иднината, своја и на своите деца. А тоа е најважниот избор.“ рече Црвенковски нагласувајќи дека власта пред очите на домашната и меѓунардоната јавност тепала пратеници и новинари грубо кршејќи го Уставот и деловникот.

“Тоа само по себе во една нормална демократска држава би резултирало со оставка на владата. Тоа, не само што тоа не се случи, туку власта дополнително продолжи со своите недемократски постапки, како на пример, менување на деловникот во отсуство на опозицијата. Учеството на локалните избори без договор за одржување на предвремени парламентарни избори, би создавало привид на нормалност и легитимитет на актуелната власт. А ако и сакаме добро на оваа наша држава, оваа власт не треба да се легитимира туку час поскоро да се порази“ додава лидерот на опозицијата.

Црвенковски во интервјуто објаснува дека во изминативе дваесетина дена на маса биле  ставени повеќе иницијативи и предлози кои нуделе излез од политичката криза. Сите предлози  ги одбил Груевски и неговата партија.  Тој смета дека од опозицијата бил понуден конструктивен предлог кој беше јавно соопштен во петокот.

“Ако на локалните избори опозиционата коалиција освои повеќе гласови од коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ, да има предвремени парламентарни избори и обратно ако ВМРО-ДПМНЕ победи ние да се откажеме од барањето за парламентарни избори. Значи граѓаните со  својот глас да одлучат. Има ли нешто пофер и поконструктивно од тоа? И видовте, тој предлог беше промптно одбиен. Зошто? Зарем Груевски се реши за продлабочување на кризата и за загрозување на евро-атланските перспективи само затоа што се плаши од гласот на народот? Па нели сигурно ќе победат на локалните избори? Или сепак не ќе да е  така?? прашува првиот социјалдемократ.

Смета дека ако кај власта имало политичка волја имало можност и за решавање на кризата се до денот на изборите 24 март.

“Таква политичка волја кај власта јас досега не видов. Напротив, сведоци сме на едно крајно неодговорно и арогантно однесување, радикализирање на реториката и целосно игнорирање на тешките последици за државата кои неминовно ќе следат. Сами ја создадоа оваа криза, сами ја продлабочуваат, сами ќе мора и да се соочат и со одговорноста. Ние сме цврсто решени да го продолжиме отпорот кој во наредниот период ќе се интензивира и ќе добива нови форми. Ова е битка за тоа каква држава ќе имаме и во каква држава ќе живееме. А од таква битка нема откажување се до конечна победа“ истакнува Црвенковски во интервјуто за Дојче Веле.

Извор: Дојче Веле

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.