Зоран Иванов ги врати сите државни награди и признанија!
Разочаран од состојбите во македонското новинарство, Зоран Иванов, долгогодишен уредник и новинар, кој деновиве доби отказ од последното работно место во Алфа телевизија, каде до ноември лани беше главен и одговорен уредник, ги врати сите досега добиени државни награди и признанија за неговата работа.
„Вулгарната дневна политика го купи, го присвои, го окупира целиот македонски медиумски и новинарски простор. Го промовираше во картелска пропагандна машинерија, ги обесправи и ги понижи новинарите и ги вјарми во алатки за бесрамни манипулациии. Во плурална Македонија новинарството ја загуби смислата. Тоа стана егзекутива на политиката управувана од владејачкиот партиски пропаганден центар“ – пишува Иванов во отвореното писмо во јавноста, во кое најавува дека се откажува и ги враќа трите државни награди Мито Хаџивасилев Јасмин, двете Крсте Петков Мисирков за најдобар новинар на годината и наградата за животно дело.