Грипот коси. Сезонава починаа петмина!
10.000 заразени со вирус на грип се евидентирани во земјава оваа сезона. Епидемиолозите велат дека стапката на смртност загрижува.
Грипот ја зеде и петата жртва. Од грип вчера почина 51-годишна жена која се лекувала во Градската општа болница „8 Септември“. Во болницата како итен случај и во многу тешка здравствена состојба била примена пред два дена. Пациентката имала масивна и тешка белодробна инсуфициенција со ниво на кислород во крвта под 50 отсто. Зад себе таа немала ниту едно хронично заболување, а како што информираат од болницата, пациентката претходно боледувала 10 дена од вирусна инфекција.
Од Институтот за јавно здравје велат дека треба да се согледа дали има некакви пропусти во третманот на болни од грип. Исто така потребно е болните навреме да се јавуваат кај своите матични лекари за да се спречи развој на болеста.
Досега превентивниот сектор од Министерството за здравство не соопштил дека во некој од смртените случаи на грип имало констатирано пропусти во лекувањето.
Последната недела се регистрирани нови 2.630 заболени, или од октомври досега се регистрирани вкупно 10.728 грипозни лица. Во однос на претходната недела, се забележува зголемување на бројот на заболени за 7,5 отсто, а во споредба со истата недела лани бројот на болни е за пет пати поголем. И за десет години наназад, без епидемиската 2009 година, има пораст на просечниот број на заболени и тоа за околу 3,5 пати./ А. Д