Вестервеле во посета на Скопје и Тирана!
Европската интеграција на Македонија и на Албанија е една од темите на која германскиот министер за надворешни работи Гидо Вестервеле денеска разговара со своите домаќини.
Германскиот министер за надворешни работи Гидо Вестервеле ја продолжува посетата на Македонија и Албанија, две држави кои имаат аспирација за пристап кон Европската унија.
Македонија статусот кандидат го стекна во 2005 година, додека Албанија се’ уште се надева дека ќе добие таков статус.
Вестервеле потврди дека двете држави имаат „европска перспектива“. Истовремено тој опомена дека се потребни натамошни реформи.
Освен европската интеграција на средбата со својот домаќин македонскиот министер за надворешни работи Никола Попоски се очекува да бидат разгледани можностите за интензивирање на билатералните односи и економската соработка меѓу Македонија и Германија.
На програмата во двата главни града Скопје и Тирана се предвидени разговори со владата и опозицијата.
За време на неговиот престој во Македонија, министерот Вестервеле ќе биде примен и од претседателот Ѓорге Иванов, а ќе оствари средба и со вицепремиерот за европски прашања, Фатмир Бесими.
На разговорите се очекува да стане збор и за борба против корупцијата и организираниот криминал, кои во двете земји се сметаат за пречка за странските инвестиции.
На средбите ќе се разговара и за односот на двете држави кон барателите на азил, кои побараа прибежиште во Германија.
Извор: Дојче Веле