Вестервеле: Мислете на судбината на народот!
Германскиот министер за надворешни работи Гидо Вестервеле апелираше сите политички лидери во Македонија да ја видат важната цел и националниот интерес, да мислат на судбината и иднината на Македонија.
„ Не сакам да кријам дека ние сме загрижени поради долготрајната внатрешна политичка криза. Најенергично апелирам да се почитуваат правилата на демократската игра, да се воспостави сериозна парламентарна работа. Овој апел е упатен до сите, во смисла да се воспостават средени односи на основа на взаемна почит меѓу Македонците и Албанците врз основа на Охридскиот рамковен договор.
Јас навистина апелирам до сите, да ја видат целта, да го согледаат националниот интерес, да ја осознаат сопствената одговорност, да мислат на судбината и на иднината на вашата земја и да покажат готовност за компромис и доволна флексибилност за да се вратат кон една средена демократска состојба,“ рече шефот на германската дипломатија.
По скоро 15 години денешната е прва официјална посета на Македонија на германски министер за надворешни работи.
Домакин на Вестервеле беше министерот за надворешни работи Никола Поповски.
Високиот гостин, за политичката криза во Македонија, разговараше со шефот на државата Ѓорге Иванов, вицепремиерот за евроинтеграции Фатмир Бесими и лидерот на СДСМ Бранко Црвенковски.
„Уште доста чекори ве чекаат на патот кон ЕУ. Правилата се еднакви и се познати за сите. Попусти нема да има, но Германија ќе си го одржи зборот“, вети шефот на најмоќната европска држава.