Ќе има или ќе нема парламентарни избори? Секој кажува како сака!
Објавено: 1 март, 2013, во 21:13 часот
Договорот се постигна, опозицијата ќе оди на локални избори. Но она што беше денеска договорено се интерпретира и толкува различно.
Лидерот на СДСМ, Бранко Црвенковски тврди дека ќе се дефинира датумот за предвремени избори најдоцна до септември. Наспроти него Груевски тврди дека ќе продолжеле разговорите без прејудицирање за дефинирање на времето за одржување на следните парламентарни избори.
“Предвремени парламентарни избори ќе има. Денешниот договор, за кој гарантoр е Европската унија, покажа дека тогаш кога сме доследни и упорни, кога сме цврсти, кога сме заедно, кога сме сплотени, и што е најважно, кога правдата и вистината се на наша страна, се може да се постигне. Веднаш по локалните избори почнуваат преговорите за предвремени парламентрани избори“, рече вечерва Црвенковски заблагодарувајќи се за подршката која СДСМ и опозицијата ја добивале од граѓаните.
“Оваа битка ја почнавме заедно, оваа битка ќе ја продолжиме заедно, се до крај, до конечната победа“! – порача првиот социјалдемократ.
Премиерот и лидер на владеачката ВМРО-ДПМНЕ на вечерашната прес конференција нагласи дека победија правдата и принципите наспроти сите предизвици.
“Република Македонија положи сериозен тест на зрелост и избегна опасен преседан. Кај претседателот на државата денеска се постигна договор за враќање на опозицијата во Парламентот и за настап на предвидените локални избори, без притоа да има условувања за организирање на предвремени парламентарни избори, или одложување на локалните избори. Со ова државата избегна еден опасен преседан, кој можеше скапо да не чини не само нас како генерација, туку и следни генерации по нас “, рече премиерот Никола Груевски вечерва на прес-конференција а притоа информира и за утврдените принципи.
“Да се врати нормалниот политички живот со враќање на сите партии во Собранието и нивно учество на локалните избори, да се подобри функционирањето на Собранието и вклучување на иницијативата на Претседателот на РМ за формирање ад хок Анкетна комисија за настаните од 24 декември, изборна реформа според препораките на ОБСЕ/ОДИХР, да се обезбеди соодветно време од пет дена за доставување на кандидатските листи за градоначалници и советници без одлагање на денот на изборите, 24 март, средба непосредно по локалните избори на која ќе се разговара за внатрешнополитичката ситуација, вклучувајќи ги и наодите на Анкетната комисија за настаните од 24 декември, да продолжат разговорите со добра волја за сите опции и без прејудицирање за дефинирање на времето за одржување на следните парламентарни избори. “ нагласи Груевски.
На новинарско прашање претседателот на Владата одговори дека е шпекулација дека е договорен термин за предвремени парламентарни избори, дека не е побарана ничија оставка, ниту дека на денешната средбата се разговарало за името на државата.
