ВМРО-ДПМНЕ: “СДСМ подбуцнува инциденти“!
ВМРО-ДПМНЕ денеска најостро ги осуди вчерашните инциденти во Скопје, но обвини дека СДСМ ги подбуцнувал.
„Нема ниту една прифатлива и разбирлива причина за предизвикување на насилство, тепање на недолжни луѓе, уништување на јавен и државен имот.За нас насилството нема ниту етничка, ниту политичка, ниту верска боја. Секое насилство мора да биде осудено и ние го осудуваме. Институциите на системот имаат капацитет и легитимитет да ги заштитат недолжните граѓани од било каква форма на насилство и самоволие“ рече Министерот Никола Тодоров на денешната прес конференција.
Тој ги предупреди сите политички партии дека подигрувањето со меѓуетнички теми и односи секогаш се на штета на државата.
Според Министерот, за ВМРО-ДПМНЕ било јасно дека во континуитет, неколку коалициски партнери на СДСМ јавно подбуцнуваат и повикуваат на насилство и пресметки помеѓу луѓето кои припаѓаат на различни етнички заедници.
“За нас е совршено јасно дека инцидентите, не случајно, започнаа во истиот ден кога лидерот на СДСМ, господинот Црвенковски беше доведен во ситуација да се откаже од сите свои уцени и условувања и да капитулира од своите барања“ смета ВМРО-ДПМНЕ./ А.Д
