ССНМ : Подобра позиција на жените во медиумите!

Објавено на 8 март, 2013 во 09:29

Самостојниот синдикат на новинарите и медиумските работници смета дека медиумите во демократско општество имаат задача да ги промовираат еднаквоста, толеранцијата и почитувањето на индивидуата без разлика на полот, возраста, етничката припадност и сексуалната ориентација.

Борбата за овие вредности почнува во редакциите.

Во соопштението по повод Меѓународниот ден на жената – 8 Март, ССНМ алармира и за, како што наведува, лошата позиција на жените во медиумската индустрија.

„Високото ниво на стрес, заплашување, потценување или игнорирање на нивната работа, неприфатливо оптоварување со работа и работно време што оневозможува приватен живот, вработување на одредено време или хонорарен статус се речиси правило, а не исклучок. Работното опкружување е особено негативно кон жените мајки што често, поради грижата за семејството, се дискриминирани во однос на можноста за вработување, платите и напредувањето во кариерата“, стои во соопштението од ССНМ.

Според овој синдикат, сексуалното вознемирување останува проблем што упорно се премолчува.

„Непримерените коментари и третирањето на колешките како сексуални објекти имаат драматично влијание на личноста, која е на тоа изложена, на нејзината работа и квалитетот на нејзиниот живот. Дури и во ситуација кога жртвата јавно ќе проговори надлежните институции остануваа неми, а изостанува и солидарноста од колеги“, оценува ССНМ.

Иако трендот покажува дека се повеќе жени се образуваат и влегуваат во професијата, од овој синдикат посочуваат и дека бројот на оние кои се на извршни и раководни позиции е драматично помал во однос на мажите.

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.