Осомничени струмички лекари за лажни уверенија за бугарско државјанство!
Струмичката полиција осомничи десет лекари по општа медицина за сторени кривични дела злоупотреба на службената положба и овластување“, „фалсификување службена исправа“ и „издавање и употреба на невистинито лекарско или ветеринарно уверение“.
До основното јавно обвинителство поднесени се кривични пријави против В.М.(53), Љ.Р.Б.(40), Т.Р.(36), В.П.(45), Р.М.(40), Д.Ѓ.(33), К.М.(35), Ј.М.Г.(40), К.С.(27) и З.П.(41).
Кривични пријави за „примање награда за противзаконито влијание“ и „издавање и употреба на невистинито лекарско или ветеринарно уверение“ заработија уште петмина лекари Џ.Н.(45), М.Ј.(35), М.Б.(41), А.Ц.(57) и Л.Б.(59).
Според полициското соопштение првите десет пријавени, спротивно на Законот за евиденции во областа на здравството,во периодот од 2010-2012 година, издале вкупно 80 фалсификувани лекарски уверенија.
Дел од лекарските уверенија биле бланко пополнети без впишано име и презиме и со идна дата,како и без да биле евидентирани во амбулантските дневници за извршени прегледи и издадени уверенија.
Осомничените за услугата од заинтересираните странки наплатувале износ од 300 до 3.000 денари по уверение.
Вторите пет осомничени, од лица заинтересирани за добивање на бугарско државјанство, наплатувале од 150 до 500 евра по што им обезбедувале лекарски уверенија, а потоа истите ги употребувале пред овластените државни органи во Р Бугарија во постапката за добивање на бугарско државјанство, соопшти СВР Струмица.
