УХМР најавува обилни врнежи од дожд и можност за поплави!
Објавено: 12 март, 2013, во 16:39 часот
Превземени се дополнителни мерки заотстранување на ризиците по најавите за интензивни поројни дождови од утре до петок.
Центарот за управување со кризи ги известил сите надлежни субјекти кои се дел од Системот за управување со кризи, вклучувајќи ги и единиците на локалната самоуправа, со цел преземање навремени мерки за отстранување на ризиците и опасностите кои би дошле како резултат на евентуални нови поплавни бранови.
“Од утре до петок ќе преовладува претежно облачно време со повремени врнежи од дожд, кои на места ќе бидат поројни и проследени со грмежи. Во четврток врнежите ќе бидат пообилни, а ќе има услови за појава на локално невреме и засилен ветер. Позначително опаѓање на температурите ќе има во петок, а наместа ќе има услови за врнежи од снег’ стои во соопштението од УХМР.
Согласно на ваквата прогноза, како и со оглед на се уште високите нивоа на реките, можна е појава на поплавни бранови, особено во регионите каде се уште има снег, заради превентивно делување, Центарот за управување со кризи, Дирекцијата за заштита и спасување преку своите подрачни одделенија ќе достави вреќи за песок во критичните места каде што е тоа потребно. Врз основа на хидролошката состојба и најавите за временската прогноза за наредните денови добиени од Управата за хидрометеоролошки работи, каде за наредните неколку дена се најавуваат поинтензивни врнежи од дожд, денеска се одржа состанок на Координативното тело за справување со поплави.
“Под дејство на јужните струења и интензивните врнежи, како што се наведува, може да настане покренување на снежните маси и појава на поплавни бранови во сливните региони на подножјето на Шар Планина, Кораб, Пелистер и Кожув“ се вели во соопштението од УХМР за хидролошката состојба во земјава.
Од Центарот за управување со кризи апелираат до граѓаните да учествуваат во расчистување на малите канали кои се наоѓаат во нивна непосредна близина, а кои се затрупани со цврст отпад кој го зголемува ризикот и опасноста од поплава. Исто така, на граѓаните им се препорачува доколку забележат одредени појави кои претставуваат закана по животот на луѓето и нивните материјални добра да се јават на бесплатниот телефонски број за итни повици 195 на Центарот за управување со кризи и да пријават во инспекциските комунални служби на општините во кои живеат, со цел надлежните служби навремено да реагираат, стои во соопштението.


