Аналитичари: “Говорот на Дехари заслужува осуда“!
Објавено: 12 март, 2013, во 18:22 часот
Аналитичарите во земјава сметаат дека националистичкиот говор на кандидатот за градоначалник, Фатмир Дехари, во кој зборува за „споено Кичево кое е сон на сите Албанци“ и како „дел од една Албанија која сите Албанци ја сонуваат“, заслужува осуда, пренесува24 вести.
Поранешниот министер за внатрешни работи, Павле Трајанов, смета дека изјавата е дадена за маркетиншки цели пред изборите, но сепак со неа требало да се позанимаваат и обвинителството и Државната изборна комисија. Трајанов смета дека идејата за Голема Албанија е многу силна, а во следниот период ќе биде уште поприсутна и ќе претставува реална опасност за стабилбоста на Балканот.
Поранешниот прв човек на Агенцијата за разузнавање, Кире Наумов, смета дека реториката на Ахмети и Дехари е слична на таа што ја користи Бериша, која веќе е прочитана и не наидува на поддршка од меѓународната заедница.
Се почестата употреба на националистичка реторика од Албанците ја загрижува и ЕУ и САД, особено што тоа го отежнува постигнувањето на договор за Косово. Вашингон минатиот месец испрати и писмо до Тирана, а пораката лично им ја пренесе и помошник-државниот секретар на Соединетите американски држави, Филип Рикер.
Од ДУИ денеска немаше коментар на говорот на нивниот кандидат./А.Д
Извор: 24 вести.
