Внимателно возете, коловозите се влажни!
Објавено: 13 март, 2013, во 09:17 часот
Уште три дена за законската обврска според која е задолжително носењето на зимска опрема во возилата. После 15 март, возачите ќе немаат, обврска ланци, лопатка и друг зимски прибор да носат во своите автомобили.
Од АМСМ соопштија дека сообраќајот на сите магистрални и регионални патни правци се одвива без забрани, по влажни коловози. Слаби врнежи од снег се бележат на Попова Шапка, но не претставуваат пречка за одвивање на сообраќајот.
Патниот правец П-1103 Неготино-Радовиш, односно Неготино-Штип преку Лакавица мост бр. 9, преку реката Вардар, кој беше затворен за тешки товарни возила, поради деформација, оштетување на мостот, е целосно затворен за сите видови на сообраќај, како и за пешаци и е пренасочен преку Криволак, односно патниот правец Неготино-Криволак-Пепелиште и тоа само за лесни возила. Забраната за тешки товарни возила на тој патен правец се уште е на сила.
На автопатот Е-75 на патниот правец Велес-Скопје во тунелот кај Катланово поради изведување работи на електричната мрежа – осветлување сообраќајот се одвива по една коловозна лента, каде е поставена и соодветна сообраќајна сигнализација.
На патниот правец Демир-Капија-Смоквица поради преместувањето на осветлувањето во тунелот кај Демир-Капија, сообраќајот по потреба се одвива по една сообраќајна лента, за што е поставена соодветна сигнализација и семафорско решение.
АМСМ препорачува внимателно возење, прилагодена брзина на движење поради дождот и почитување на поставената сообраќајна сигнализација.
Да се внимава на делниците кои минуваат низ клисурите и засеците каде е можна почеста појава на одрони, особено на патните правци Катланово-Велес, Маврово-Дебар-Струга, Демир Капија-Удово, Кочани-Делчево и Берово-Виница кои можат да го попречат движењето на возачите.

