Денеска започнуваат велигденските пости!
Големиот Велигденски или Чесен пост, најголем и најдолг пост во православната вера, почнува денеска и ќе трае до најголемиот христијански празник Велигден, кој годинава се прославува на 5 Maj.
Според православните христијански канони, постот подразбира воздржување, молитва, покајување и како круна на се – света причест. Првата недела од Чесниот пост, кој трае 49 дена или седум недели се нарекува „Чиста“, а последната е „Недела на православието“.
Големиот Чесен пост не значи само одрекување од храна. Според православното учење, тоа е и израз на слободната волја, етичкиот став и израз на вистинската љубов кон Бога.
Постот не е гладување, ниту запоставување на трпезата, туку обврска која ја налагаат православните канони – да се направи избор на посна храна, без месо. За строгиот пост храната се подготвува само на вода, без масти и масло и тој се припишува на „Чистата недела“ – првата недела на Чесниот пост.
Големиот пост, велат православните учители, не учи на покајување, простување и вистинска молитва, да можеме во тишина да го дочекаме најголемиот христијански празник, бидејќи верата во Воскреснувањето е основа за христијанството.
