Католиците слават Велигден!

Објавено на 31 март, 2013 во 08:32

Католиците ширум светот денеска го слават најголемиот христијански празник, Воскресение Христово – Велигден.

Подготовките за прославата започнуваат во неделата пред Велигден, наречена Страсната седмица.

Таа е последната недела од животот на Исус Христос.

Започнува со свеченото влегување во Ерусалим и завршува со Неговото воскресение.

Секој ден од оваа недела се нарекува Велики – Велики Понеделник, Велики четврток и така натаму.

Таа е последната недела од Великиот пост и секој еден ден од неа се вршат посебни црковни служби.

Оваа недела завршува со Велигден.

Бискупот скопски и апостолски егзарх во Македонија Киро Стојанов на велигденската воскресна литургија синоќа во Католичката црква „Пресвето Срце Исусово“ во Скопје, ја прочита велигденската порака.

Браќа и сестри, како ваш брат и ваш пастир Ве поттикнувам и молам во Годината на верата секојдневно да го читаме Светото писмо и секојдневно да се молиме, но длабоко и искрено таа молитва да биде средба со Воскреснатиот Господ, да не молиме молитви (фрази) туку да го молиме Бога, а тоа е секогаш средба со Него. Да се обидеме да направиме верата да ни биде тоа што е во природата, а тоа е: да правиме Исусови дела, а не само да зборуваме за нив. Да ги направиме видливи во нашиот живот дека Воскреснатиот е присутен и во нас. Светиот Дух кој направи второто Божествено лице да зеде човечка природа во крилото на Безгрешната Дева, дека го воскресна на Христос, дека слезе меѓу нас да биде милост, ќе направи и овој Велигден на нашите лица блесне победата и надежта на Воскреснатиот Христос.

Додека Ве благословувам во името на Отецот и Синот и Светиот Дух Ви го честитам Воскресението Христово и се радувам што Неговото победоносно лице ќе блесне во нашите срца. Христос Воскресе!,“ вели во велигденската порака бискупот скопски и апостолски егзарх во Македонија Киро Стојанов.

 

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.