Македонија и Србија заслужуваат датум за преговори!
И Србија и Македонија ги исполнија сите услови за приклучување кон ЕУ и со тоа заслужија во јуни да добијат датум за почеток на преговорите за членство во Унијата, се согласија претседателите на парламентите на двете земји Небојша Стефановиќ и Трајко Вељановски.
“Двете земји се надеваат и очекуваат дека се достигнати одредените стандарди и исполнети се критериумите од Копенхаген како и препораките на Советот на ЕУ кои се доволни во јуни да добиеме датум за почеток на преговорите,“ рече Стефановиќ по средбата со македонскиот колега во Домот на Народното собрание во Белград.
Стефановиќ и Вељановски се согласија дека соработката на двата парламента е задоволителна но дека има уште простор за нејзино проширување и во тој поглед го истакнаа формирањето на група за пријателство,која веднаш треба да почне со работа.
Како што рекоа двајцата претседатели на собранијата на двете држави,соработката меѓу Србија и Македонија има регионално значење.
Стефановиќ рече дека е можно но и неопходно проширување на соработката,излез на трети пазари и соработка меѓу компаниите од Србија и Македонија.
Според Вељановски,Србија и Македонија отсекогаш имале добра соработка,на што укажува и неодамнешната посета на претседателот на Србија,Томислав Николиќ како и на премиерот Ивица Дачиќ во Скопје.
Тој посочи дека во мај, во Охрид треба да се одржи конференција на претседателите на парламентите од Југоисточна Европа која би требало да резултира со усвојување на документ за соработка во тој регион.
“Регионалната соработка е значајна и на економски и на политички план а економската соработка има простор за проширување“,изјави Вељановски и нагласи дека на српските компании во Македонија им се отворени вратите./Б.Н.Т
