Независна истрага за сообраќајката на Младенов?
Сообраќајна анализа на возилото во кое пред една недела загина новинарот и основач на „Фокус“, Никола Младенов, освен полицијата, ќе прави и независен вештак, експерт по сообраќај, јави Алфа.
Вештакот веќе направил увид на местото на несреќата и има првични информации за настанот.
Во наредните денови, нему истражниот судија ќе му издаде налог за да ја започне анализата, откако за еден до два дена полицијата ќе заврши со својата верзија.
За телевизијата од МВР потврдиле дека имаат наредба само за сообраќајно вештачење, кое утре или задутре ќе го испратат кај истражниот судија. Од содржината ќе зависи дали истражниот ќе издаде налог за техничко вештачење кое е можно да го прави МВР или Машинскиот факултет.
Според „Алфа“, до сега за несреќата не била земена изјава ниту од сопругата на Младенов, ниту од луѓето со кои контактирал дента. Засега никој во полиција нема пријавено дека последните часови пред несреќата имал средба со Младенов.
„Од одлуката на судот ќе зависи и потегот на семејството на Младенов, односно дали ќе инсистираат независни експерти да се вклучат во поголем број по нивен предлог“, објави телевизијата.
