Репортери без граници за Македонија : Нема да молчиме ниту по изборите !
Објавено: 25 април, 2014, во 07:12 часот
Првиот човек на Репортери без граници (РОГ) Кристијан Мир за ДВ вели – од новиот претседател на Македонија се бара почитување на независното информирање. За проблемите во информирањето нема да се молчи ниту по изборите.
„Пред предвремените парламентарни и пред вториот круг за избор на претседател ги повторуваме нашите барања за почитување на слободата на информирање, зашто изминативе години бевме сведоци на повеќе напади врз неа. Го имавме случајот Кежаровски, кој стана познат зашто станува збор за клеветење и кривично гонење на еден новинар. Од новиот претседател, без разлика дали ќе биде досегашниот или друг, бараме да се погрижи и на повисоко ниво да ја сочува слободата на информирањето, зашто станува збор за значајно добро и досегашните ограничувања треба да се повлечат“, вели за Дојче веле Кристијан Мир (на насловната фотографија), раководител на германската секција на Репортери без граница.
За однесувањето на медиумите во текот на изборната кампања за претседател, но и за пратениците во Собранието, Мир вели дека „кај многу медиуми кои се блиски и зависат од власта, немало многу разлика од информирањето и во предизборниот период, кога новинарите биле под константен притисок при известувањето да ја сочуваат верноста кон владата“.
ЕУ треба да биде конкретна!

Германската секција на Репортери без граница (РОГ) и во изминатиот период реагирала на бројните случувања во македонскиот медиумски простор. Го прашуваме Кристијан Мир: како организација како РОГ може да влијае врз идната влада за почитување на слободата на информирањето?
„Пред се’ и натаму нема да молчиме кога се во прашање напади врз слободата на информирањето. И натаму повредите на слободата во информирањето ќе ги оптужуваме и јавно ќе ги посочуваме. Во тоа е и нашата сила – можеме ваквите случаи да ги пласираме во јавноста, да станат познати. Ова е наше искуство и со случајот Кежаровски. Со изнесувањето на вистината се нуди своевидна заштита, па владејачките структури треба да размислуваат и да внимаваат. Во секој случај за развојот и случувањата во сферата на слободата на информирањето во Македонија нема да молчиме ниту по изборите“, подвлекува Кристијан Мир кој едновремено апелира до Европската унија да не ги толерира нападите врз слободата на информирањето во една земја која е кандидат за членство во ЕУ. Во оваа смисла слободата на информирањето според Репортерите без граници треба и мора да биде важен критериум во пристапните преговори. Европската комисија во извештајот за напредок на Македонија имала забелешки за слободата на информирањето, но не биле наведени конкретни случаи.
Текстот во целост прочитај го тука.



