Техничка опрема и софтвер, донација од Француската Република за Министерство за внатрешни работи
10.02.2021
Денеска Mинистерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски оствари работна средба со амбасадорот на Француската Република Н.Е. Сирил Бомгартнер, кој во оваа прилика во име на Владата на Француската Република за потребите на Министерството за внатрешни работи, поточно на Одделот за криминалистичко-технички испитувања и вештачења му врачи на министерот Спасовски и донација – техничка опрема и софтвер – набавена за потребите на оваа организациона единица.
Партнери на овој проект се Националниот институт за криминалистичка техника од Лион, кој ги обезбеди плановите за опремата, како и Дирекцијата за соработка во областа на безбедноста и одбраната при француското Министерство за Европа и надворешни работи, која ја финансираше донацијата, заедно со компанијата „Ивотехна“, која ги спроведе работите.
Всушност, оваа активност од билатералната соработка е дел од француско-германската иницијатива за борба против трговијата со мало и лесно оружје и муниција со мал калибар и француската меѓуминистерска стратегија за Западен Балкан.