Започнува вакцинацијата против Ковид-19, денеска ќе бидат вакцинирани 280 здравствени работници
17.02.2021
Со вакцинација на двајца здравствени работници, денеска во 10 часот во модуларната болница во Скопје ќе започне процесот на имунизација во земјава. Пунктот во модуларната болница ќе има шест вакцинални позиции кои ќе работат во две смени од 8 до 20 часот, а вакцинацијата ќе ја спроведуваат медицински тимови од Здравствен дом Скопје.
За министерот за здравство Венко Филипче со почетокот на вакцинацијата против ковид-19 почнува последната фаза во битката со пандемијата.
Првиот ден е предвидено вакцинирање на 260 здравствени работници од вкупно 4.000 колку што се пријавени за вакцинација. Секој здравствен работник кој ќе прими вакцина, веднаш ќе му биде резервирана втора доза за ревакцинација.
Филипче информираше дека во текот на следната недела се очекува да пристигнат и другите дози на вакцини од Србија, а според последните информации од производителот, поради тамошните празници до крај на месецот во земјава треба да пристигнат и кинеските вакцини. Согласно планот, дневно ќе се вакцинираат помеѓу два и четири илјади лица.
Досега се пријавиле над 70.000 граѓани за вакцинирање, 50.000 преку онлајн апликацијата, а 23.808 преку матичните лекари и системот „Мој термин”.
Во земјава пред четири дена од Србија пристигнаа првите 4.680 од предвидените 8.000 дози вакцини од производителот „Фајзер”. До крајот на месецот се очекуваат и 200.000 вакцини од кинеската компанија „Синофарм”.