УХМР: Облачно време со засилен ветер и намалување на дневните температури за 7 до 9 степени
15.03.2021
Времето денеска ќе биде облачно и посвежо со врнежи од дожд, кои повремено ќе бидат поројни, на места со ретки грмежи, а пообилни ќе бидат во северозападните и источните делови од земјава.
Поради продор на студена воздушна маса, освен на планините врнежите ќе преминуваат во снег и на повисоките места, а кон крајот на денот и во текот на ноќта појава на снег ќе има и на некои пониски места.
Од пладне ќе дува засилен северен ветер, што ќе услови нагло намалување на дневните температури за 7 до 9 степени.
Во текот на утрешниот ден, во западните делови променливо облачно со сончеви периоди, во источните значително облачно со врнежи претежно од снег. Ќе дува засилен северозападен ветер, особено вдолж Повардарието и во источните делови каде ќе досигнува брзина и над 65 км/час.
Стефани Манева
